Спасовски: Нашата претставничка Снежана Трајановска избрана за нов директор на МАРРИ Регионалниот центар, а Србија го презема претседавањето со МАРРИ

Денеска, (29.06.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во рамки на Министерскиот форум на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци МАРРИ, што се одржува во Клубот на пратеници во Скопје, се обрати по повод формалното предавањето на претседателството со МАРРИ од Република Северна Македонија на Република Србија, која беше избрана како нов едногодишен претседавач со Иницијативата.

,,Надоврзувајќи се на сработеното, од денеска имаме и нов директор на МАРРИ Регионалниот центар, од Република Северна Македонија за што би сакал да се заблагодарам на сите оние кои учествуваа во процесот на избор, на самите кандидати, а особено да изразам увереност за натамошна одлична соработка на сите нас како Учеснички во Иницијативата со новиот раководител на Центарот. Честитки за новоизбраната раководителка на Центарот МАРРИ, г-ѓа. Снежана Трајановска, која во текот на вчерашниот ден од страна на Комитетот на МАРРИ беше изгласана и избрана со мнозинство од гласовите “- рече министерот Спасовски.

Изразувајќи благодарност во име на делегацијата на Република Северна Македонија до членовите на МАРРИ Комитетот за нивната посветеност во изнаоѓањето на модалитети за продолжување на дискусиите и преговорите , министерот Спасовски истакна дека Комитетот претставува значајна алка во успешното раководење со МАРРИ, артикулирајќи ги идеите и новитетите за подобро работење на Иницијативата, придонесувајќи на тој начин за поголема присутност во спроведувањето на барањата на професионалците кои секојдневно работат на проблематиката поврзана со миграцијата.

„Во однос на работата и заклучоците од МАРРИ Комитетот, а и како формална забелешка, би сакал да дадам целосна поддршка за сработеното на членовите и претставниците на Учесничките на МАРРИ на Комитетот. Заклучоците од Комитетот ги одразуваат интересите на секоја од Учесничките на начин кој е прифатлив за секоја од нас. Тие ни даваат нам – на членовите на Форумот – јасна рамка за правецот во кој ќе се движи МАРРИ во претстојниот период. Во оваа насока, задоволство ми е што имаме можност да ги одобриме препораките на Комитетот, зад чиешто усогласување – уверен сум – стои силна дипломатска и кооперативна работа, но и верба во самата Регионална иницијатива за азил, миграција и бегалци.

По преземањето на претседателството со МАРРИ од страна на Република Србија, министерот Спасовски рече: „Кажав и претходно, но повторно ќе истакнам дека како држава имаме посебен интерес за функционирањето и успешната работа на оваа регионална платформа за соработка, не само поради фактот што нејзиното седиште се наоѓа во Скопје, туку и поради тоа што мандатираните области на соработка на МАРРИ се теми кои се од интерес на целиот регион, но и на Европската Унија, поради што нудат особено солидна основа за работа и развој и помеѓу нас самите, но и во содејство со европските и други меѓународни и регионални организации.

Остануваат неколку процеси кои треба да бидат продолжени, многу идеи кои треба да прераснат во конкретни проекти, и лично сум убеден дека новиот претседавач со Иницијативата – Република Србија – надградувајќи се со своите одлично конципирани приоритети во претстојната година – ќе ја однесе оваа Иницијатива на уште повисоко ниво, а меѓународните партнери одново ќе ја препознаваат како вистинска адреса за многу регионални прашања”, истакна министерот Спасовски, посакувајќи успешно претседавање со МАРРИ 2023 – 2024 година.