Обука од програмата „Сина храброст“ за Одделот за заштита на определени личности и објекти
Денеска (27.07.2023), во Одделот за заштита на определени личности и објекти започна обуката на полициски службеници од оваа организациона единица на БЈБ при МВР, што ја спроведува тим од полициски инструктори од програмата „Сина храброст”, што се реализира преку ИЦИТАП – програмата при Амбасадата на САД во РСМ. Станува збор за Програма која во период од две години е предвидено да ги опфати сите припадници на МВР.
Проектот веќе се трансформираше во образовен процес кој обезбедува врвен развој на полициските службеници, со драстично зголемување на капацитетите на полициските службеници за справување со сите видови и форми на криминал. Програмата е во насока на градење на позитивна психологија во рамките на полициската организација, односно да влијае на растот и развојот на секој полициски службеник, во однос на подобрување на меѓучовечките односи, интегритетот, здравјето, стресот, критичкото размислување, итн. Крајната цел е континуирана едукација на полициските службеници за навремено воочување на негативните појави и нивно отстранување, посебно во делот на личните предизвици со кои се соочуваат, односно обезбедување врвен професионализам и висока одговорност при извршување на полициските работи.
На отворањето на обуката присуствуваше и се обрати ИЦИТАП полициското аташе при Амбасадата на САД, Мајкл Т. МекКи, којшто на учесниците на обуката им посака успешна реализација на планираните едукативни содржини.