Денеска (08.08.2023) заедно со стратешката група при Бирото за јавна безбедност, реализиравме работна посета на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и ОВР Гостивар, во рамки на реализацијата на мерките и активностите предвидени со оперативниот план „Безбедно лето 2023“. Но, исто така беше реализирана средба со раководството на овој сектор за внатрешни работи, при што бевме информирани за безбедносната состојба на подрачјето на СВР Тетово – ОВР Гостивар, која е поволна и на задоволително ниво, како и состојбите со криминалитетот, како и активностите кои се преземаат во рамки на „Безбедно лето 2023“. За времетраење на средбите бев информиран дека во првите шест месеци од оваа година овој сектор за внатрешни работи може да се пофали и со зголемување на откривачката функција за 48% компаративно со истиот период лани во справувањето со „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, односно зголемување на откривачката функција за 14% годинава се евидентирани и во областа на недозволената трговија со оружје и распрскувачки материи, споредбено со првите шест месеци лани.
За време на посетата на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај е потенцирано дека позитивни трендови се евидентирани и во сообраќајот, особено имајќи предвид дека во изминатите шест месеци од годинава на тетовските простори не се регистрирани човечки жртви, наспроти две во истиот период лани, а намалени се и бројките на лице кои се здобиле со тешки или телесни повреди. Сето ова е резултат на бројните превентивни и контролни активности преземени во периодот за кој станува збор, од типот на редовни, акциски и други контроли, кои ефектуираат со конкретни позитивни поместувања, а што претставува обврска повеќе и во наредните месеци да се продолжи со несмалено темпо и интензитет.
Тасевски во Тетово и Гостивар: Превентивните активности дават резултати, зголемена е безбедноста во сообраќајот