Разбивме криминални групи градени 30 години, никој не може и не смее да биде посилен од државата
Без никакви калкулации и најефикасно работиме во сузбивањето на било која од тие криминални групи што делувале не само сега, туку делувале и биле градени изминатите 30 години по независноста на Македонија и најмногу простор им се даде во делот на функционирањето на режимот. Паднаа во вода кажувањата дека едните или другите групи – од Грчец, од Арачиново, Сарај, Чаир итн. – не биле процесуирани. Во последните месец дена три најголеми криминални имиња се уапсени и одведени пред лицето на правдата. Станува збор за три лица поврзани со случајот ‘Планина’, кои беа од кланот Грчец. Врз основа на сите обезбедени докази, МВР жестоко се бори против криминалните структури, а тоа е задача и на оперативната акција „Безбеден град“ и на сите активности што беа преземани во изминатиот период. Нема да има пардон за никого и во ниту еден момент.
За наводните информации дека нарко-групата „Барон“ периодов зема замав и дека уапсените за двојното убиство во „Шиша бар“ се припадници на оваа група – штом се уапсени – веќе не постои група, таа е разбиена.
Важно ми е дека секој еден кој смета дека е посилен од државата, длабоко мора да се разочара, затоа што нема посилен од државата – ни криминалец, ни функционер, ни граѓанин, никој не може и не смее да биде посилен од државата.