Тасевски ја предводеше македонската делегација при посетата во седиштето на Европол во Хаг

Во текот на вчерашниот и денешниот ден, ја предводев делегацијата од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во седиштето на Европол во Хаг, Холандија, каде учествував на Европската конвенција за шефови на полиции 2023 година, осмислена како панел дискусии на актуелни теми кои што претставуваат предизвик земјите од Европа. Организираниот криминал како фактор за дестабилизација на нашето општество, динамичното темпо на евалуација на сајбер криминалот, како и предизвиците од нелегалната миграција беа главни теми за дискусии за време на дводневната конвенција.
Во рамки на Европската конвенција, остварив и билатерална средба со извршниот директор на Европол, Катрин Де Бол, на која дискутиравме за моменталната успешна стратешка и оперативна соработка помеѓу Република Северна Македонија и Европол. Де Бол го истакна успехот во борбата против криумчарењето на мигранти со оглед на намалениот проток на илегални мигранти низ територијата на РСМ. Лично ги објаснив начините на кои македонската полиција се справува со криумчарењето на мигранти и упатив благодарност до Европол во однос на оперативната поддршка што ја добиваме во борбата против недозволената трговија со дрога и борбата против тероризмот. Заедно потенциравме дека и во иднина ќе работиме на јакнење на оперативната и стратешка соработка.
Исто така, остварив билатерални средби и со директорите на полициите на Република Словенија, Република Хрватска и Република Србија. На средбите се стави акцент на најновите миграциски текови, територијалната застапеност на Фронтекс, заедничкиот пристап кон спречување на криумчарењето на мигранти, како и заложбите на регионот да се стават под контрола организираните криминални групи, кои претставуваат закана за безбедноста на земјите од Западен Балкан. Заедничка констатација беше дека соработката е на завидно ниво.