Денеска во Струга се обратив на отворањето на 14. Меѓународна научна конференција на тема „Стратешки и безбедносен концепт за земјите од ЈИЕ“, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје и Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Светот никогаш како денес не бил пред така силно и темелно искушение на геополитички и цивилизациски план. Станува збор за предизвик кој што нужно бара соодветни и глобални и, се разбира, национални одговори, оти едноставно, никој не е заобиколен од актуелните последици, а уште помалку од реперкусиите коишто допрва, во годините пред нас, можат да произлезат од случувањата на истокот од Европа – Од заштита на критична инфраструктура и важност на специјалните полициски единици во справување со модерните закани, преку хибридни закани, градење отпорност и менаџирање на ризик, па сѐ до криминалистички истраги кај сериозен и организиран криминал или пропаганда и лажни вести, секако вклучувајќи ги и искуствата на поедини теми на гостите од земјите од регионот.

Уверен сум дека дека ваквите научни конференции го оправдуваат во целост своето значење и важноста и нудат извонредни можности, преку квалитетна дебата и аналитичка експертиза, да се дојде до оптимални општествено полезни предлози и идеи во интерес на одбрана и зацврстување на стратешките интереси на државата, и секако, во интерес на регионалната и европската стабилност и безбедност.