Почитувани сограѓани од мое Куманово,
Нека е честит и вековит 11 Ноември – Денот на ослободување на Куманово и 79 години град на непокорот!
Нашите предци, над 2000 борци за слобода од кумановскиот регион, од Козјачкиот и Карадачкиот одред, со вековен стремеж за своја слободна и независна држава го ослободија Куманово, победувајќи го фашистичкиот окупатор. Над 500 херои го положија својот живот на браникот на татковината, против угнетувањето, поделбите и омразата. Тогаш, со општонародна веселба кумановци на кумановската Тумба со радост ја дочекаа слободата.
Куманово, како град првоборец даде осум народни херои: Киро Фетак, Перо Чичо, Боро Менков, Бајрам Шабани, Боро Петрушевски Папучар, Христијан Тодоровски Карпош и Трајко Стојковски -Бузо.
По ослободувањето, Куманово забрзано започнува да ја испишува историјата на растежот, развивајќи се во значаен стопански, културен и спортски центар на Балканот. Денеска, Куманово расте како заеднички плод на обединети граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите оние кои придонесуваат за нашиот соживот. Само така, заедно, продолжуваме да го развиваме Куманово во мултиетнички центар – Европа во мало.
Пренесувајќи ја слободната мисла кон идните генерации, ја штитиме традицијата на градот, ги почитуваме сите оние кои се изборија да го имаме слободно Куманово и сте оние кои го чуваа Куманово сите овие години. Со гордост да им го оставиме во аманет на нашите деца и внуци за да имаат и тие со што да се гордеат – со придобивките на слободата и слободоумниот дух на еден народ кои го осигураа мирот и прогресот на слободно, модерно и европско Куманово. И денес сме рамо до рамо во НАТО и со државите членки на ЕУ, во одбраната на мирот. Наша обврска е да останеме на европскиот пат и да ги обезбедиме европските перспективи за младите генерации тука дома, во Македонија, вреднувајќи сè што е постигнато со македонскиот непокор до денес.
Во свое и во име на МВР, оттука пред Спомен костурницата во Куманово, оддавам најдлабока почит кон нашите борци, хероите кои ги ослободија градот Куманово и македонската држава!
Да живее слободарско Куманово!
Да живее Република Северна Македонија!
🇲🇰