Денеска, претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми имаше средба со Рене Троказ, специјален пратеник за Западен Балкан и Матје Абграл надлежен за Северна Македонија и Црна Гора и за безбедносни прашања на Западен Балкан во Француското Министерство за Европа и за надворешни работи, во придружба на Францускиот амбасадор во нашата земја, Сирил Бомгартнер.
На средбата, Адеми информира за актуелните случувања во земјата и можностите за уставни промени, за внесување на Бугарската заедница во нашиот Устав, со цел да продолжи процесот на преговори со ЕУ.Осврнувајќи се на напредокот на нашата земја кон ЕУ, истакна дека очекува тој да оди по нагорна линија,имајќи ги во предвид најновите геополитички процеси во регионот, кои се во насока на продолжување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. Во тој контекст, истакна дека не смееме да ја пропуштиме оваа неповторлива шанса која ја имаме, и затоа треба да го дадеме нашиот глас за Европа, при што изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност на Франција за нашите евроинтеграции.
Соговорниците се согласија дека забрзувањето на евроинтегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион, и дека пристапувањето и крајно, членството во ЕУ ќе придонесе за побрз економски и општествен развој на регионот, како и пофункционална демократија и владеење на правото.