Денеска заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски го посетивме ИКТ Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата во Прилеп, чијашто изградба беше промовирана пред 4 години, а е во рамки на истоимениот проект финансиран со средства од Програмата за претпристапна помош на Европската Унија – ИПА.
Токму овој Центар, кој веќе подолго време е целосно оперативен и функционален, претставува реален производ на таа наша определба за континуирано градење на дигитална инфраструктура. ИКТ Центарот претставува back-up, односно резервна база за клучните, витални информациски системи во земјава, кој гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем и, исто така, ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор и ќе овозможи компатибилна размена на информации со другите институции. Посебно задоволство претставува фактот што изградбата на ваков Центар е прв случај во поширокиот регион една државна институција гради модерен објект за свои потреби.
Покрај МВР, ИКТ Центарот го користат повеќе државни институции, меѓу кои и Центарот за управување со кризи, Државниот завод за статистика и Царинската управа на РСМ, интерес за негово користење изразија и повеќе министерства и агенции, a постои отвореност за соработка и со сите други субјекти и институции.