Денеска присуствував на Шестта пленарна сесија на Национална конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина”. Притоа, се обратив на првата панел дискусија на тема „Владеењето на правото-темелна општествена вредност: Патоказите и патиштата кон излезот од распаќето”.
Eвропскиот пат на регионот на Западен Балкан без сомнение е високо на агендата на секој од нас, бидејќи граѓаните тежнеат да живеат во земји што се просперитетни, каде владеењето на правото е силно и корупцијата е искоренета. Токму владеењето на правото е еден од клучните сегменти кои гарантираат интеграција во Европската Унија, па во таа насока Министерството за внатрешни работи изминативе 20 години спроведе низа реформски процеси, поддржани од нашите партнери во ЕУ.
Секако, има уште многу работи кои треба да се направат, сите недостатоци од нашето работење нотирани во Скрининг извештајот и во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата детално се елаборираа и се преточија во мерки, содржани во новиот реформски стратешки документ- Патоказ за владеење на правото.