Денеска, заедно со амбасадорката на Женевски центар за управување со безбедносниот сектор, (ДЦАФ), Натали Чуард, потпишавме Договор за донација на лабораториска опрема од страна на ДЦАФ наменет за потребите на Одделот за форензички испитувања.
Предмет на договорот е нова опрема со вкупна вредност од околу 50.000 евра, наменета за потребите на Одделението за детекција на хумани идентификациони траги од Одделот за форензички испитувања при Министерството за внатрешни работи, во рамките на ДЦАФ-спроведуваната Програма за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија (2021-2026).
Целта на оваа донација е поддршка на Министерството за внатрешни работи во подобрување на капацитетите за квалитетно чување и ракување со биолошките примероци, минимизирање на ризикот од контаминација и нивно квалитетно процесирање за ДНК профилирање.
Благодарност до ДЦАФ за експертската и техничката поддршка во најважните реформски процесите изминативе години, коишто во голема мера придонесоа за враќање на довербата на граѓаните во полицијата. Поддршката од ДЦАФ е од големо значење, имајќи предвид дека на почетокот имавме само волја, но не и технички капацитети, а денес Република Северна Македонија е лидер во регионот по размена на податоци.
