Историски прв меѓународен лет за медицински транспорт со хеликоптер на МВР
Утрово заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски и директорот на Градската Општа болница „8-ми Септември” д-р. Христијан Костов присуствувавме на првиот меѓународен реализиран лет во историјата на современата македонска држава со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР со кој за медицински цели беше транспортирано лице – пациент од Скопје до Виена, Австрија.
Оваа наша хумана мисија не само што ја демонстрира кооперативноста на двете Министерства за внатрешни работи и Министерството за здравство кон подобрување на услугите за граѓаните, туку и го потенцира значењето на интеграцијата на модерните технологии и ресурси во спасувачките и медицинските операции.
Употребата на Медикоптерот претставува значаен напредок во националната способност да се пружи итна медицинска помош на тешко достапни места, но и на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
Упатувам честитки до нашите тимови за темелната подготовка и соработка помеѓу МВР и медицинскиот персонал од Градската Општа болница „8-ми Септември”, со што уште еднаш потврдуваме и ги засилуваме нашите капацитети како држава за брза реакција во итни медицински случаи. Дозволете во оваа прилика да изразам благодарност до сите учесници во овој успешен проект, особено до Владата на Република Словенија и словенечкото министерство за внатрешни работи кои во духот на нашето пријателство пред неколку месеци ја обезбедија оваа значајна медицинска опрема.
Посакувам мирно небо и успешен транспорт.