Ја зголемивме платата за 35%, вложивме 14 милиони евра во опрема и униформи и 17 милиони евра во подобри работни услови во полициските станици
Од аспект на полицијата, можам да кажам дека денеска МВР е реформирана институција преку неколкугодишната трансформација со утврдениот концепт „МВР за граѓаните“, продукт на поранешниот министер Оливер Спасовски, така што сметам дека ваквиот формат на техничка влада веќе не треба да постои, бидејќи се надминати негативните состојби кои изискуваа еден таков формат на влада.
Токму во 2015 година кога беше созададена техничката влада тогаш имавме сосема поинаква состојба од денешната. Тогаш имавме една полиција со срушен рејтинг, огромна недоверба од граѓаните, една од најзатворените институции на државно ниво. Денеска зборуваме за една институција која е во топ трите најтранспарентни и вистински сервис за граѓаните. Тоа е нашето „МВР за граѓаните“, наспроти МВРО-ВМРО, кога имаше „штабче горе доле“ и дека „може да пратите меил било каде, ќе го пресретнеме”, преку прислушување на 20.000 граѓани, кршејќи ги основните човекови права.
Денес зборуваме за една сосема поинаква, различна полиција од времето на режимот. Полицијата е во сервис на граѓаните, затоа што инвестиравме 17 милиони евра во модерни и европски работни услови во полициските станици низ државата, 80 реконструирани. Затоа што вложивме 14 милиони евра во опрема и униформи. Ја зголемивме платата за 35% и ги исплативме сите бонус плати.