Спасовски:Европска Македонија значи и европско образование во нашата држава.

Европска Македонија значи и европско образование во нашата држава.

Денес платата на наставниците изнесува околу 40.000 денари, а првпат по речиси 20 години, наставниците добија регрес за годишен одмор.
Платите во образованието, од 2016 година до 2023 година, во просек се зголемени за над 50 проценти. И во високото образование, професорите добиле зголемување на нето платата за речиси 50 проценти. Притоа, најголемото покачување на платите во образованието, за 18 проценти, се случи токму во кризните 2022 и 2023 година, во геополитички контекст, за целиот свет.

Образованието мора да биде еднакво достапно за сите, без разлика на социјалниот статус, местото на живеење, етничката припадност и други различности. И, во таа насока ќе продолжиме да го поддржуваме семејниот, ученичкиот и студентскиот стандард. На почеток на учебната година ќе им помогнеме на родителите за набавка на потребните материјали. Ветуваме 50 евра училишен бонус за сите основци и средношколци. Исто така и поддршка за среќен почеток на учебната година, во висина од 6.000 денари за сите првачиња и 9.000 денари за новите средношколци. Најавуваме и бесплатен оброк за сите ученици. Новата Влада што ќе ја предводиме ќе обезбеди по 150 денари дневно, или 750 денари неделно за сите ученици во основните училишта. Се обврзуваме и на бесплатен јавен превоз за сите ученици и студенти, како и бесплатен железнички превоз. А, дополнително, ќе воведеме модел за субвенционирање на меѓуградскиот автобуски превоз за сите ученици и студенти кои студираат надвор од своето место во живеење, најмалку четири пати месечно, за доаѓање во местото на студирање и заминување во своето родно место.

Нема лесен пат до вредна цел. Но нема откажување од иднината!

Европско образование ни е потребно за перспективите. И македонскиот образовен систем, во следните 4 години ќе го направиме да биде современ европски образовен систем.