Спасовски;Корупцијата ја демаскиравме, отвораме истраги, бараме одговорност од сторителите, бесправно стекнатото го враќаме на граѓаните

Наш приоритет и во наредниот период останува нула толеранција за корупцијата! Борбата ја започнавме. И тоа од нашите редови! СДСМ го покажа она што не можеше ни да се замисли во време на режимот – дека нема повластени личности, нема заштитени криминалци, нема недопирливи фамилии… Покажавме дека тој што се огрешил мора да одговара. Корупцијата не е поголема од претходно, напротив! Поголема е перцепцијата за неа, бидејќи пожестока е борбата против неа.

Доказ за посветената работа во борбата со корупцијата е скокот од 85 на 76 место на Индексот на перцепција на корупцијата на Transparency International.

Од заробена држава во времето на 11-годишниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, во која се апсеа новинари, а бројни медиуми се затворија затоа што не играа како што свиреше фамилијата, минатата година во извештајот на Репортери без граници бевме рангирани на 38-то место во светот, со скок од 80 места во однос на 2016 година и прва во регионот за слободата на медиумите. МВР, од крајно затворена институција го трансформиравме во институција со транспарентност од просечни 59.5% во 2016, до високи 87.5% во 2023.

Во наредните четири години ќе започнеме силна борба и со корупцијата во правосудството, низ системска проверка на потеклото на имотот и конечно спроведување на процесот на „ветинг“ за сите судии и јавни обвинители.

Само две недели нѐ делат од големата одлука. Од изборот меѓу надеж и безнадежност, меѓу просперитет и зачмаеност во минатото, меѓу интеграција и целосна изолација. Затоа овие парламентарни избори се исклучително важни. Затоа и ги повикувам граѓаните со посебна одговорност да ја определат иднината на нашата татковина.

Затоа нема откажување од иднината!