Билатерална средба помеѓу државните секретарки на македонското и словенечкото МВР, Несторовска и Хеферле

Билатерална средба помеѓу државните секретарки на македонското и словенечкото МВР, Несторовска и Хеферле

На маргините на прославата по повод денот на Одделот за воздухопловни единици, денеска (27.11.2023 година) во Центарот за обука во Идризово , се одржа билатерална средба помеѓу двете официјални делегации на Министерствата за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Словенија, предводени од државните секретарки на двете министерства, м-р Магдалена Несторовска и г-ѓа Тина Хеферле.
На билатералната средба се разговараше за можностите за продлабочување на веќе одличната и плодна билатерална соработка помеѓу службите на двете Министерства, на повеќе полиња, како што е соработката помеѓу воздухопловните единици на двете земји, борбата против трговијата со луѓе и илегалната трговија, а воедно и зајакнување на соработката помеѓу специјалните единици на двете земји.
Притоа, м-р Несторовска изрази голема благодарност до словенечката колешка Хеферле за несебичната поддршка во однос на справувањето со илегалната миграција, како и за напорите за зајакнување и модернизирање на капацитетите на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Државната секретарка на Република Словенија, Хеферле се заблагодари за помошта на нашата држава при справувањето со неодамнешните поплави во Република Словенија и уште еднаш ја потврди поддршката и заложбите на Република Словенија за Република Северна Македонија во процесите за пристапување на нашата земја во Европската Унија.