Спасовски од македонската Амбасада во Вашингтон: Овие неколку дена работевме за напредокот на Македонија
Во Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, Соединети Американски Држави, беше организиран прием по повод работниот престој на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а на барање на министерот Спасовски упатено до амбасадорот Зоран Попов, да се сретне со македонската дијаспора која живее во САД.
Спасовски во своето обраќање пред присутните сонародници го истакна значењето на оваа посета за јакнењето на врските помеѓу двете држави.
„Морам да кажам сите средби беа значајни, но оваа е најубава и најзначајна, бидејќи се гледаме на нашата територија и со наши луѓе. Секаде каде што одев во изминативе години посакував да се видам со нашите луѓе во дијаспората, да поразговараме да се запознаме да си пружиме поддршка едни со други, да ги јакнеме врските меѓу нас. Искрено до срце ви благодарам на сите што вечерва сте тука и што можеме заедно да се дружиме”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој изрази благодарност до амбасадорот Попов за супешната организација на оваа посета.
„Сакам да му се заблагодарам на амбасадорот, на целиот негов тим во Амбасадата за целосната организација на оваа посета што помина извонредно и многу успешно. Сметам дека сето ова што го работевме во овие неколку дена ќе биде многу значајно за Македонија и за напредокот на Македонија. И во тој дел посебно место имате сите вие кои работите овде и помагате за интересот на Македонија. На сите уште еднаш ви посакувам многу здравје, среќа и успеси, да бидеме единствени и заедно да се радуваме на личните, но и на заедничките успеси за државата”, истакна Спасовски.
Од страна на амбасадорот на Република Северна Македонија во Соединетите Американски Држави, Зоран Попов, беше потенцирано дека ова е прва официјална посета на министер за внатрешни работи на САД.
„Баравме во архиви и кај нас и тука во Амбасада, чест и задоволство ми е да кажам дека ова е прва официјална посета на министер за внатрешни работи на Соединетите Американски Држави. Значењето е уште поголемо што посетата доаѓа на неполни две недели пред стапување на техничка Влада. Спасовски побара да ја види македонската дијаспора која живее на територија на Вашингтон и околните држави, Мериленд, Вирџинија”, рече амбасадорот Попов, забладоарувајќи се на сите коишто присуствуваа на приемот во македонската Амбасада во Вашингтон.