После 53 години започнува реконструкцијата на 82 објект – Центарот за обука при МВР
Денеска, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, остварив посета на Центарот за обука во Идризово, по повод официјално отпочнување на градежните активности за реконструкцијата на целиот комплекс на Центарот за обука во Идризово, за период ни помалку ни повеќе туку после 53 години, како 82. објект во рамки на планот за реконструкција на полициски објекти низ државата.
Со задоволство можам да констатирам дека се исполнети сите законски услови за отпочнување на комплетната реконструкција на Центарот што ќе опфати реконструкција на Управната зграда со мензата, двата павиљона за сместување и школски објект со придружните објекти, спортската сала, во вкупна вредност на градежните активности над 180.000.000 денари со вклучен ДДВ.
После 53 години успеавме да го започнеме овој процес на унапредување на условите за настава каде што го регрутираме подмладокот на македонската полиција, а од страна на раководството на Центарот добив уверување дека процесот на реконструкција нема да влијае на наставата за основна обука за полицаец и дека сите активности ќе бидат изменаџирани се со цел да не влијае на квалитетот на обуката.
Воедно, извршивме увид и обиколка на објектите што ќе бидат реконструирани, ги посетивме и просториите за обука кадешто се одвива хибридна, односно онлајн настава со цел зголемување на капацитетите на македонската полиција преку еден дигитализиран процес на полициско образование.
Патот на создавање добар полициски службеник бара посветеност и одговорно и домаќинско работење. Ние како раководство на МВР сме тука да ги обезбедиме сите потребни ресурси и поддршка за да ви овозможиме успешна обука и подготовка.
Наш врвен приоритет е грижата за вработените во МВР, да имаат сè што им е потребно за да ги извршуваат законските должности достоинствено.