Денеска (04.08.2023) заедно со стратешката група при Бирото за јавна безбедност, со работна посета на СВР Штип и ОВР Свети Николе, продолживме со работните средби во рамки на реализацијата на мерките и активностите предвидени со оперативниот план „Безбедно лето 2023“. Во текот на посетата беше реализирана средба со раководството на овие организациони единици, но и на Регионалниот центар за гранични работи „Исток“.
За време на средбите бев информиран дека во текот на првото полугодие од 2023 на целото подрачје на СВР Штип криминалитетот бележи намалување за 17%, со ефикасност во расчистувањето на кривичните дела од 68,5%, додека само на подрачјето на ОВР Свети Николе за 14%, при што постигнатата ефикасност во расчистувањето на кривичните дела е дури 83%. Општиот криминал бележи намалување од 17%, при што расчистени се 64% од вкупно пријавените кривични дела, додека ефикасноста во кривичните дела од општ криминал на подрачјето на ОВР Свети Николе изнесува 81%.
Раководството на СВР Штип извести и дека во текот на првото полугодие од 2023, тешките кражби на ова подрачје се намалени за 21%, додека намалување од 27% има и кај кривичните дела од областа на економскиот криминал. Кај делата од организиран криминал евидентирано е намалување од 50%, а за споменување е сузбиената организирана криминална група која вршела препродажба на наркотични дроги марихуана, кокаин и амфетамин.
Во областа на сообраќајот за шесте месеци во 2023 година на територијата на СВР Штип евидентирано е и намалување за 9% на сообраќајните незгоди со потешки последици во однос на ланската година, а тенденција на намалување имаат и прекршоците во областа на јавниот ред и мир, кое на подрачјето на ОВР Свети Николе достигнува околу 60%
На средбата беше разговарано и за резултатите од работењето на Регионалниот центар за гранични работи Исток, каде во првата половина од оваа година е забележано зголемување на протокот на патници за 16,4% и намалување на криминалитетот за 51,7%. Намалување е евидентирано и во делот на илегални минувања на државната граница, и тоа за 90,2%, поточно илегалните преминувања на државната граница со Бугарија се досега на најниското ниво.
Директорот на БЈБ, Тасевски, со добри вести за Штип и околината: И во СВР Штип има опаѓање на криминалот