Денеска во кругот на Министерството за внатрешни работи, од страна на претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, беа предадени две возила, опремени со системот PolCam, внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење.
Возилата имаат огромна предност во однос на стационарните уреди за евидентирање на прекршоци, односно ја посочија компонентата на мобилност како клучна за целосна покриеност од сообраќајната полиција во насока на превентивно и репресивно делување на терен во сообраќајот, а се со цел сериозно намалување на сообраќајни незгоди, особено со тешки последици.
Системот PolCam е незаменлив при документирање на сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволената, непрописно престигнување и други прекршоци, а брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата. Уредот овозможува видео запис од 25 фотографии во секунда, мапа на којашто се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци. Интегрираните уреди се од полската компанија PolCam кои преку поставените камери со висока резолуција на предниот и задниот дел од возилото во денски и ноќни услови и во движење бележат видео записи од сторените прекршоци.
